Отворената лабораторија за истажување во облакот претставува најголема отворена истражувачка е-Инфраструктура во дражавата. Лабораторијата е набавена со поддршка на Министерството за образование и наука, преку конкурсот за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси) (70%), и кофинансирање од страна на ФИНКИ при УКИМ (30%).
Лабораторијата се состои од неколку целини:
- GPGPU кластер
- Openstack cloud
- Data storage
Лабораторијата за отворена наука се состои од два главни система, секој со посебна намена. Првиот систем претставува отворен облак наменет за истражувачите од земјата, со што се овозможува поставување на сопствена виртуелна инфраструктура за пресметување со високи перформанси. Целата работа со системот се заснова на стратегијата на самоуслужување, каде корисниците самостојно управуваат со своите лични ресурси, од подигнување на виртуелни машини, преку конфигурација на мрежа, до додавање дополнителен простор за складирање. Модерната компјутерска опрема врз која е поставен ваквиот систем гарантира високи перформанси, со своите вкупно 640 процесорски јадра и над 15 TB работна меморија.
Вториот систем е наменет за извршување на комплексни пресметковни задачи, со дополнителна можност и за користење на графички процесори. Истражувачите можат самостојно да закажат извршување на комплексна задача, притоа избирајќи дали имаат потреба од дедицирани графички процесори или не. Системот е опремен со најмодерен хардвер, вклучувајќи вкупно 8 графички процесори со вкупна видео меморија од 640 GB, правејќи го погоден за примена при истражување на проблеми од најразлични области, при што примената на графички процесори би ги забрзала пресметките.
Со цел да се овозможи непречена работа со големи податоци, двата система имаат брза врска со централизиран складишен простор кој нуди на располагање над 2 PB вкупен простор. Искористувањето на овој простор може да се изврши на повеќе начини, во зависност од потребите на истражувачите, вклучително и за: подигнување виртуелни машини, долготрајно складирање податочни множества, складирање на влезни и излезни податоци при нивна анализа и општ пристап преку програмски интерфејс (API) за интеграција со трети пресметковни системи.